ИКТ иновации во образованието во РМ

shqip

Иновациите во секое општество, па така и во нашето општество се сегменти околу коj се индуцира развојот и прогресот и ако на тоа се надоврзат иновации во образованието, како дел од клучните  столбови на секое демократско општество, неминовно е да бидат големи очекувањата. Во РМ направени се повеќе истражувања, oвде само би потенцирал на Националната стратегија за образование (за периодот 2005-2015), која користи опширна анализа на состојбите кај нас. Во првата декада од 21 век, Македонија зачекори напред со визија за имплементација на ИКТ иновации во образованието. Прво, преку сопствени проекти (или пак нивно помагање) на реномираната УСАИД:

  • за ИКТ образование (пример за тоа е пилот проектот во 2004 година во СУГС Р.Ј. Корчагин, со кој се овозможи инсталација и употреба на компјутерска лабораторија со брза безжична интернет конекција),
  • проектот за е-образование при што ИКТ обуки низ годините добија преку 10000 наставен кадар во РМ
  • понатаму, активности и помагање во делот на  проектот „Mакедонија  – прва безжична земја во светот“.  
  • па стигнувајќи се до најновиот УСАИД проект за е-пристапно образование и инклузивност на учениците и студентите со хендикеп, во редовните образовни процеси во РМ;

Второ преку активностите на Владата на РМ со воведување на многу успешниот проект „компјутер за секој ученик“, Македонија зачекори во светот на ИКТ иновации и може да се гордее како лидер во регионот на тоа поле.

Која е моменталната ситуација?

Наставниците (барем оние кои беа контактирани, наставничка од ООУ Јоаким Крчоски и професорка од СУГС Брака Миладиновци), како и коментарите на учесниците и панелисти на неодамнешната успешно спроведена конференција, која ја организираше НГО Фондацијата Метаморфозис, ја признаваат потребата од ИКТ иновации кои впрочем би придонеле и за надминување на механичкиот пристап кон планирањето на наставата, а редовното и навремено следење преку е-дневник е новина во таа насока. Секако мерењата се најдобар показател за тоа каде сме биле, каде сме и каде сакаме да стигнеме, во таа насока, а со единствена цел да се прикажат информациите во оваа блог анализа со доза на квалитет и објективност (секако и релевантност), следствено, спроведов мини интернет анкета,  како и интервју со заменик Директор на едно од СУГС училиштата на ниво на Град Скопје, на оваа тема. Резултатите од ова мое истражување, говорат скоро идентично, начелно наставниот кадар и учениците, се задоволни од примената на ИКТ иновации во образованието, но секако потенцираат дека постојат и потешкотии. На прашањето дали истите се во насока на помош кон совладување на зададените наставни програми, скоро сите (барем според одговорите) се обединети, дека ИКТ иновациите помогнаа во голема мера, но дека е потребно ажурирање на софтверот, како и спроведување на напредни обуки, односно да не се застане само на базичните обуки. Па така дел од самите училишта преку своја иницијатива и во рамки на своите можности организирале некаков вид на дополнителни обуки на нивниот кадар, најчесто преку професорите по Информатика како предавачи. Можеби најголем интерес предизвика прашањето за поголема инклузивност на учениците и наставниот кадар во изработката на дополнителни и нови софтверски алатки (преку свои идеи), при што општата констатација на сите оние што беа контактирани е дека тие како засегнати страни (воедно и како релевантни носители и спроведувачи на процесите) се мотивирани да дадат свој придонес и секако поддржуваат поголема нивна инклузивност. Како можности се отвораат и заедничките проекти на училиштата во РМ со училишта од соседните држави,  при што наставниот кадар ќе соработува повеќе, а учениците преку заеднички трудови ќе продуцираат квалитет и развиваат својата креативност, се со цел да се постигне одржлив развој во образованието во РМ и регионот. Заклучокот би водел во насока дека иако многу е направено, сепак предизвиците се пред сите нас.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *