Колку пари – толку музика?! (Платата на наставниците и постигањата на учениците)

Според едно истражување од Велика Британија, спроведено од страна на Peter Dolton, професор по економија на Кралскиот колеџ Холовеј (Royal Holloway College) при Универзитетот во Лондон, и истражувачот при CEP (Center for economic performance) Oscar Marcenaro – Gutierrez од Универзитетот во Малага, утврдено е дека постои врска помеѓу висината на платата на наставниците и резултатите кои ги постигнуваат нивните ученици на тестовите на знаење.

Тие тргнале од тезата дека високиот квалитет кај наставниот кадар продуцира повисоки образовни постигања, но прашањето е како може една земја да ги привлече најдобрите и најумните да станат наставници? Ја истражувале висината на наставничката плата во голем број ОЕЦД држави и дошле до заклучок дека доколку наставниците имаат повисоки плати, поверојатно е дека ќе се подобрат постигањата на учениците.

Во својот труд објавен во списанието Economic Policy (Volume 26, Issue 65, pages 5 – 55) објавено во јануари, 2011 година под наслов „If you pay peanuts do you get monkeys? A cross-country analysis of teacher pay and pupil performance“, (ќе го пронајдете на следниов линк: http://onlinelibrary.wiley.com/doi/10.1111/j.1468-0327.2010.00257.x/full) тие ги изложуваат своите наоди од ова истражување, тргнувајќи од главната хипотеза дека повисоката наставничка плата ќе привлече поквалитетни поединци во професијата и тоа ќе ги подобри постигањата кај учениците.

Истражувањето ги разгледува разликите во платите од наставниците од земјите на ОЕЦД и ги испитува врските меѓу релативното и реалното ниво на платите од наставниците и измерените постигања од учениците од средние училишта во последните 15 години.

Издвоиле две можни објаснувања зошто платата од наставниците е зависно поврзана со постигањата на учениците. Првото е дека високите плати привлекуваат поспособни личности во професијата. Како што расте стандардот и угледот на наставниците поради високата плата, професијата наставник станува попрестижна професија. Со тоа ќе расте и бројот на поспособни и поумни личности кои сакаат да станат наставници. Ваквата плата овозможува наставници со желба за подобрување на своите ученици. Второто објаснување е посуптилно. Имено, зголемувањето на наставичката плата ја подобрува распределбата на националниот приход и оттаму и националниот статус на наставничката професија. Како резултат на повисокиот статус, се повеќе млади ќе сакаат да станат наставници. Ова, понатаму, наставничката професија ја прави поселективна со што се олеснува вработувањето на поспособни индивидуи.

 Поголемиот статус и повисоката плата не се директно поврзани, но одделно може да овозможат привлекување на подобри поединци во професијата.grafikon_NS_plata

            Во земјите каде е спроведено истражувањето податоците одат во прилог на хипотезата дека повисока наставничка плата води кон подобри постигања од учениците. Се согледало дека 10% поголема плата на наставниците ќе доведе до 5 – 10% подобри резултати кај учениците. Исто така 5% подобрен наставнички статус ќе доведе до 5 – 10% подобри резултати кај учениците.

Што би требало да научиме од ова истражување? Јасно е дека доколку Владата е заинтересирана за резултати во образованието, тогаш треба да сфати дека најважен е квалитетот на наставниците. Истражувачите предлагаат привлекување на поспособни наставници со зголемување на нивниот стандард на државно ниво. Но тоа, според нив, не се постигнува само со просто зголемување на платите на сите наставници одеднаш. Постоечките наставници нема да се подобрат наеднаш само со повисока плата. Но, повисоката плата и стандард на наставничката професија ќе придонесе за привлекување на нови, поквалитетни студенти на наставничките факултети.

Сето ова ќе стане видливо на долги патеки, па дури по 30 или повеќе години ќе може да се очекува промена на квалитетот на целокупната наставничка фела.

Што мислите вие? Коментирајте!

3 Responses to Колку пари – толку музика?! (Платата на наставниците и постигањата на учениците)

  1. likimesi напиша:

    Toa e vidlivo sto e napisano vo predhodniot tekst i ne samo platata, tuku i uslovite vo koi se raboti i moznostite za napreduvanje, ne treba samo da se gleda da se dade plata, kakva-takva i vednas da se zeme od narodot.

  2. весна напиша:

    Зголемувањето на платите на наставниците е од најголема важност за квалитет во сите сегменти од општеството, па нели сите поминале низ некој образовен процес. Зголемувањето на платите не значи веднаш и квалитет на наставникот, но тоа треба да иницира поголема контрола кој (наставник) што работи и веднаш деградирање на оние кои не си ја вршат работата, како наставници така и инспектори. Со тоа ќе се имаат големи плати, но и многу поголеми одговорности а со самото тоа и подобар квалитет на образованието, подобри резултати кај учениците. Но тоа во Македонија неможе да се случи, за жал !!! Кај нас вредностите и на наставниците и на учениците се „мерат“ со соодветни книшки, за жал !!!!

  3. Горица напиша:

    Наставниците кои се однесуваат професионално во сопствената работа би подржале воведување на систем на оценување и наградување што би бил фер, доследен и би придонел за нивно напредување и би го намалил бројот на наставници што непрофесионално си ја вршат работата. Иако се чини дека тоа е фер приод клучно е да се има предвид дали “плаќањето според квалитетот“ навистина доведува до подобри постигања на учениците. Според анализите во ПИСА 2009 година http://www.oecd.org/pisa/50328990.pdf “генерално нема поврзаност меѓу просечните постигања на учениците и плаќањето по учинок. Со други зборови во некои образовни системи во кои учениците имаат високи постигања наставниците се плаќаат врз основа на квалитетот на работата, но во други квалитетот на работата не се зема предвид при определувањето на платата. Но сликата се менува кога ќе се спореди платата на наставниците со бруто националниот производ по глава на жител (БДП. Во земјите со компаративно ниски плати на наставниците (помалку од 15% од БДП има тенденција постигањата на учениците да бидат подобри кога во платата влегува и дел на плата врз основа на квалитетот на работата, додека во земјите во кои наставниците се релативно добро платени (повеќе од 15% од БДП) плаќањето според квалитет не е поврзано со постигањата на учениците. Според тоа за земјите коишто немаат можност сите наставници да ги платат добро, корисно е да се разгледа искуството на тие земји кои имаат систем на плати кои вклучува и плаќање според квалитетот на работата“ Наашата земја спаѓа во земи каде што платите на наставниците се пониски од 15% од БДП. (Според прелиминарните податоци на Заводот за статистика во 2012 г. БДП по глава на жител бил 3645 евра, а 15% од тоа е 547 евра, што е над просекот на платите на наставниците кај нас.)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *