Наставник – колку тоа г(о)рдо звучи

За достоинството на наставничката професија

Да се биде наставник некогаш било гордост. Денес оваа професија е најозборуваната и најкритикуваната. Што придонесе да се случи ова во еден релативно краток период? Зошто и покрај сето тоа голем број млади сакаат да работат во образование?

Dragica_Slave 001

Мојата свекрва станала учителка во педесеттите години, со завршено средно образование. Во тоа време да бидеш учител значело нешто, ретки биле учените луѓе. Наставниците биле почитувани, ги сметале за најучени луѓе, соодветно на стандардот имале солидна плата, немало невработени наставници и учениците им биле дисциплинирани и го впивале секој нивни збор.

Состојбата со иницијалното образование на наставниците во Македонија

Набрзо потоа се отвораат и педагошките академии каде образованието на наставниците станува подолго за две години. Дури во 1995 година вишото образование на учителите станува високо, па сега скоро и да нема наставници со вишо образование во училиштата. Како да не одел квалитетот на овие кадри правопропорционално со висината на нивното образование бидејќи за брзо време се случува голема деградација и губење на достоинството на оваа професија. Од друга страна, интересот да се студира на факултетите кои образуваат наставници сè повеќе се зголемуваше, како и интересот да се работи оваа професија и од кадри кои не се школувале за тоа.

Во последниве 5 години на педагошките факултети во Скопје, Битола и Штип дипломирале 5.177 наставници. Иако бројот на дипломирани наставници од 2007 до 2011 година е преполовен, сепак и овој број е преголем за да се вработат сите според она што го завршиле. Оттука наставниците и оние кои бараат работа во образование се едни од најбројните невработени професии.

Состојбата со вработените наставници

Друг интересен податок е дека бројот на ученици во Македонија постојано се намалува, па разликата од 2000 до 2011 година е 50.519 ученици помалку во основните училишта, а за тој ист временски период бројот на вработени наставници постојано се зголемувал, па разликата од 2000 до 2011 година е 3.814 наставници повеќе во основното образование. Слична е состојбата и во средното образование.

Малку чудна состојба: голем број дипломирани наставници од факултетите за наставници (кој број не соодветствува со реалните потреби), зголемување на бројот на наставници во училиштата, а драстично намалување на бројот на ученици. Оваа ситуација претпоставува зголемен квалитет на воспитно-образовната работа: поголема конкуренција за вработување наставници и подобар броен сооднос наставник – ученик. Зошто сепак нема подобар квалитет?

Пензионираните наставници и оние со поголем стаж од 30 години се сеќаваат на убавите времиња на оваа професија:

„…она убаво време кога просветниот работник беше почитуван, воден низ работата од прекрасните учители со учителска школа кои несебично помагаа теоријата да се поврзе со праксата. Инспекторите советуваа почетници и приоѓаа со огромен респект кон поискусните колеги бидејќи и самите го минувале патот од селски учители до инспектори“– вели една 54-годишна наставничка.

Наставниците пак, кои се вработија во осумдесеттите години раскажуваат поинаква „приказна“:

„Кога влегов во образовниот процес, првите три месеци плачев од разочарување. Си мислев дека влегувам во висока интелектуална средина каде ќе слушам и учествувам во дискусии кои впрочем и треба да се интелектуални. Се судрив со наставници кои шамараат, навредуваат ученици, делат на селски и градски, наставници кои може во секое време и да те опцујат ако денот им бил никаков… и што е најтрагично, секој затворен, со свои правила на однесување сметајќи ги за најисправни“ – вели наставничка од Куманово.

Една невработена наставничка од Охрид, која уште сега ја чувствува „горчината“ се обидува да ја опише сегашната состојба со наставничката професија:

„Стравувањето за задржување на работното место и политичките притисоци целосно ја оневозможуваат слободата на дејствување и искажување на својот став, професионализмот и во најмала рака го уништуваат ентузијазмот и креативноста при работењето. Поставувањето во позиција да се стави на нечија страна или да угодува некому е најнеблагодарната и погубна позиција за дејствувањето на еден креативец.“

Причини за опаѓање на статусот и квалитетот на наставничката професија

Македонските наставници со размислувањата за деградирањето на својата професија се позиционираат на неколку причини:

–        „За деградација на наставничката професија главна причина е деградацијата на денешното семејство. Новите наставници потекнуваат од вакви семејства, нивните ученици потекнуваат од уште подеградирани семејства“  смета скоро 80-годишна пензионирана учителка, а една наставничка во селска средина го дополнува ова со „недостигот од домашно воспитание кај учениците и општо кај младата популација, вклучувајќи ги и родителите и дел од колегите.“

–        Недоволно разбраната демократија од страна на родителите и учениците според една наставничка во одделенска настава е причината за опаѓањето на статусот и квалитетот на наставничката работа. „Ги учиме децата и родителите за нивните права, а многу малку или погрешно ги знаат  нивните одговорности“ – вели истата учителка.

–        Родителите, се често споменувани од наставниците кои ги интервјуирав. Тие сметаат дека денес родителите водени од својот егзистенцијален порив на своите деца им всадуваат некои искривени норми и вредности, и тоа резултира со молење за оценки, барање врски или пак обвинување на наставникот за неуспехот и лошото однесување. „Често се случува и родителите пред децата да зборуваат негативно за наставниците, без да внимаваат кои зборови ги употребуваат, истовремено однесувајќи се пристрасно кон своето дете, без разлика дали е оправдано, каде детето е инструмент во рацете на родителите“ – раскажува од искуството една наставничка од Прилеп.

–        Меѓу наставниците како причина за деградацијата често се споменува и отсуството на професионалните и етичките стандарди на наставничката професија. И навистина, во училиштата нема воспоставено правичен и соодветен систем за професионално усовршување на наставниот кадар, но нема ни стандарди и компетенции за наставничката професија на државно ниво.

–        Голем број од наставниците кои ги интервјуирав, без разлика на возраста и работното место сметаат дека постои „партизација на образованието во секој сегмент, именување директори, именување членови во Училишни одбори, па и вработувањето е без критериум и/или со единствен критериум – припадност на партија, а најлошо е, смета еден наставник во средно училиште, кога партиските вработувања се со очајно лоши кадри.“

–        Преголемите административни обврски кои ги имаат денес наставниците се наведуваат како дел од причините за намалување на квалитетот на нивната „вистинска“ работа – поучувањето.

–        „Непостоењето на систем во воспитно-образовниот систем создава претстава како всушност целата работа да зависи од наставниците кои се последната алка – извршители на системот. За редот во училиштето системот мора да предвидува мерки, а тие не се предвидени кај нас како што ги има во другите системи“ – констатира наставник по англиски јазик во основно училиште, кој ова дури и опсежно го истражувал.

–        Наставник со 20-годишно искуство во основно и средно образование од Скопје мисли дека „достоинството ни се наруши кога со ширум отворени врати ги прифативме СИТЕ проекти од странство, негирајќи го притоа дотогашниот наш систем, верувајќи и надевајќи се дека тие ќе донесат поголема демократија и суштински промени, новини, кои слепо треба да ги следиме.“ Факт е дека постојаното внесување новини без претходен подготвен терен за нивно спроведување, а потоа без анализа на ефектите од тие новини, не води никако до квалитет во образованието.

–         Треба да бидеме и самокритични – има „залутани“ наставници кои си го губат времето или оваа работа им е хоби. За да те почитуваат, навистина треба да се покажеш! Со работа, нормално! Според мене, уписната политика на наставничките факултети треба да биде една од најригорозните“ – смета наставничка од Струшко.

–        Како причина за деградација на наставничката професија наведена скоро од сите наставници со кои разговарав е немањето на финансиска мотивација и вреднување на трудот („сите во ист кош“) и дека платите на наставниците не биле никогаш над државниот просек. Повеќе за влијанието на платите врз квалитетот на работата на наставниците и постигањата на учениците во: Колку пари – толку музика?! (Платата на наставниците и постигањата на учениците)

–        Несоодветни и недоречени критериуми за оценување на наставниците: „никој не знае како ќе нè оценуваат и кој ќе нè оценува: инспектори, комисија за екстерно проверување, директори – … и самите нормативни акти се противречни“ е мислењето на  една наставничка во прилепско основно училиште. За ова повеќе во „Може ли да се оцени оценувањето“.

–        Несоодветните и нееднаквите услови за работа, кои создаваат и разлика во платата поради други основи (патни трошоци, лични издатоци за нагледни средства), а не поради (не) квалитет, се причина за намалувањето на квалитетот на работата на наставниците. Ова го констатираат голем број наставници, посебно оние кои работат во руралните и посиромашните средини.

За крај, малку носталгија. Се сеќавам кога ние бевме ученици во седумдесеттите и осумдесеттите години и кога ќе нè прашаа што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме, повеќе од половината велеше – наставник/наставничка. Ги прашав денес учениците на 8-9 години што сакаат да бидат кога ќе пораснат и одвај 15% од нив сакаа да бидат наставници. Интересно е дека интересот за доктори е подеднакво мал како и за наставници, но се појавуваат професии кои порано не се сметаа за престижни: пејач/пејачка и фудбалер.

9 Responses to Наставник – колку тоа г(о)рдо звучи

  1. Vlatko Sekuloski напиша:

    Добро е да се размислува, дебатира и да се собираат податоци на оваа тема и истражувањето е добар придонес во тој правец. Единствено мислам дека е добро во едно вакво истражување да има повеќе квантитативни податоци.

  2. Јован напиша:

    Се сложувам со повеќето коментари и размислувања на колегите.Мислам дека најголема грешка е направена што е набрзина отпишан стариот и проверен систем на образование а прифатен новиот без да се проверат ефектите од новото,не сум против промени,но не промени по секоја цена.Воведувањето на изборните предмети без да се води сметка кој е ефектот од нив,колку многу се оптоварени учениците,кој се ги предава.Мислам дека не е во ред деца од 10 и 11 годишна возраст да имаат по 7 часови во еден ден.Се сложувам исто така дека добар дел од колегите ја промашиле својата професија,се мачат самите тие а ги мачат и оние заради кои одат на работа.

  3. Јулијана напиша:

    Се што е погоре изнесено ја дава целосната слика за состојбата во образованието и сттусот на наставникот.Почнувајќи од тоа какви ученици се запишуваа на педагошките факултети (оние кои заради успехот не можеа да се запишат на друг факултет), па политиката која е длабоко навлезена во образованието и се примаат само партиски војници без оглед дали ги бидува или не, потоа изместените морални вредности кај младите кои се создаваат под дејство на медиуми, врсници , семејство и заради општите состојби кои подолго време се присутни во нашата држава.Исто така угледот на наставникот е одамна паднат во очите на родителите , па како да очекуваме нивните деца да ги почитуваат своите наставници.И во прифаќањето на секакви проекти од надвор ,со трупање предмети и материјал се гуши слободата на децата,неможејки да постигнат да одговорат на училишните обврски стануваат фрустрирани и полни со комплекси дека се неспособни да учат.Значи причините се многу, но жалосно е што сето што е кажано само се кажува и не се слуша од тие што треба да го слушнат , или пак иако го слушаат се си премолчуваат и се си останува по старо.

  4. Весна напиша:

    Изнесени се сите причини зарди кои професијата од горда почнува да станува грда. Административните работи на наставникот се исто така нешто кое ја отежнува во голема мера професијата наставник, бидејќи дел од енергијата и од времето е насочено кон таа цел за која сме „вреднувани“ и „оценувани“ како тоа да е најважно. Учениците од ова време имат најразлични извори на информации на Интернет и ТВ кои се брзи, достапни, „иситнети“ и лесни за консумација, но лоши за нивниот развиток во морална и психолошка смисла затоа што прикажуваат насилство и формираат погрешни модели на однесување. Децата со нивната наивна љубопитност лесно тоа го примаат, а тоа влијае врз создавање на генерации, сликовито кажано како под фотокопир. Мора да се сфати и прифати дека овие деца растат во поинакви услови. Сведок сум на изјава од ученик кој вели дека тоа што го учи на училиште е „глупо“. Согледувам дека учениците повеќе ги разбираат ликовите од книгите кои доживуваат кризи, недоразбирања, кои чувствуваат болка, оние кои се прикажани со побогато опишан внатрешен свет. Оние со авантури, дружења, па и детски кавги се забораваат. Работата на наставникот е да биде и педагог, психолог. А вака, работата како да е сведена само на: поучи, коментирај, запиши, оцени. Чиста сметка. Тоа се бара од нас наставниците од страна на надзорните лица, тоа го работиме за да бидеме „позитивно“ оценети, бидејќи ете, тоа ќе ни влијае и на платата. Затоа почитта се намалува, учениците се послободни во нивниот однос и ни укорот ги спречува да сфатат дека направиле можеби нешто погрешно. Улогата на наставникот е многу мала во нивнот живот.

    • Golubina напиша:

      Според моето долгогодишно искуство во образованието ( 38 год.),а сега како советник во пензија сите состојби, проблеми и предизвици во образовниот систем во Р Македонија ги гледам пообјективно. Ова пообјективно ми значи дека немам пречки за необјективност во гледањата и размислувањата од аспект на работното место,симпатизер или припадник на политичка партија, непосреден контакт со поголем број на нововработени и поискусни наставници и непосредна работа со сегашни ученици.Заради сите изнесени гледања и искажувања како и предлзите за подобрување на базичните состојби во образованието, моите ставови и мислења се следниве.
      Многу некоректно и ригидно е да се каже дека наставничката професија г(о)рдо звучи. Грдотијата е синоним на нешто од кое сите бегаме, се плашиме и не сакаме ни на сон да ни се јави. Затоа треба поблаго и со поумерен тон и избор на зборови да зборуваме за оваа појава.Факт е дека во училиштата кај наставниците, родителите и реперот на успешноста образованиет(учениците/децата) се случуваат промени. Добро е што има промени затоа што и образованието е составен дел на општествено – политичките промени во државава. Проблемот е во тоа, дали, кој и кога, интерес на образованието ќе биде селекцијата и давањето на приоритет во развивањето на квалитетот во образованието.Да се постави мега проект во образованието за истражување на ефектите од реализираните проекти. Оваа задача може да се реализира преку невладиниот сектор но во тесна соработка со Бирото за развој на образованието. Иако се воспоставува процес на евалуација на квалитетот во образованието, тоа всушност, вака како што се одвива повеќе ќе наштети наместо да ја постигне добро планираната цел. Бирото за развој на образованието Р Македонија има педигре и со сегашниот Закон основна функција да го обезбедува и зголемува квалитетот во образованието.Може ли таа функција да ја извршува ако истовремено и не го мери и проценува тоа. Оценувањата надвор од оваа важна институција во образованието треба тоа да го потврдува или корегира односно укажува каде да се засили функцијата.Значи, да се даде оценка за работата на наставникот и училиштето во целина е многу одговорна и длабоко стручна работа.Треба да се внимава колку и која оценка на наставникот ќе ја зголемува неговата самодоверба и мотивацијата за повисоки постигања кај учениците,наместо трка за добивање на сертификати од посетени обуку или богато професионално портфолио. Во тој случај нема да се спомнува синтагмата наставник- колку тоа г(о)рдо звучи. Со сите предходни искажувања не се целосно сложувам, но добро е што сите размислуваме за оваа професија која е темелот на развојот на државата.

  5. tripun напиша:

    почитувана госпоѓо
    Ме радуваат ваквите усилби за местото и улогата на наставникот во воспитно-образовниот процес
    Секако со Вашето мислење може да се допринесе за подобрување на стасот на наставникот-учителот
    Сметам дека работите се поместија системски уште одамна со Педагошките академии и со Факултетите за учители кои произведуваа хипер продукција на кадри-односно кој не успеваше да се запише на некој друг факултет се запишуваше на овие факултети и тоа од најразлични стручни училишта, кои навистина немаа врска со оваа професија.

    Друга причина е тоа што наставниците денес неможат да се носат со промените од причина на погрешно водени политики пред се со новите законски промени од 1996 година каде се даде приоритет на родителите, а никаде небеа наведени обврските. Поминаа 14 години некој да се сети дека и родителот има обврски спрема училиштето а не само право.
    Друга причина сметам дека е исто така со промена на надлежностите на Бирото за развој на образованието и давање на ингеренции на Државен Просветен испекторат, каде вонего можам да констатирам дека има залутаност на повеќето вработени од причина што правници го инспекторираат наставникот и образованието, кое почна да се реализира во периодот од 2002 до денес.
    Сосема се согласувам со Вашиот ставот за компетенциите на наставниците, никојдосега не се зафаатил со ово проблем, ако несака да се зафати барем нека ги превземе од земјите во опкружувања или поточно од земјите од бивша Југославија.
    Во врска со партизацијата на образованието слободно можам да констатирам дека е само изрека на наставниците кои не сакаат да ги извршуваат своите обврски ли не ги прифаќаат промените во сите свери во општественото `ивеење или од непоседување ма компетенции и непотполна соодветна наобразба или дообразба за својата уска професија.
    Исто така значајна алка за достоинството на наставниците е соодветното парично наградување, секако тоа влиае врз мотивацијата за работо, но како фела Би требало да се залагаме за поголеми примања со работа и докажување во нашата професија,тука системски да се избориме пред се за оние наставници кои од платата даваат за патните трошоци во руралните средини, а не само да кукаме и ја истакнуваме народнта колку пари толку музика.
    Исто така ќе се осврнам на оценувањето на наставниците, оценување да, но во фунција на подобрување на наставата и наставните планови и програми, програми растеретени како што е сега педгодишно дете неделно да има 25 редовни часовиили поточно пет часа дневно.

  6. Sonja напиша:

    Многу убави коментари за темава,но не ми се допаднаа сите ,особено оној што сеуште се повикува на решенија од Бирото,кое за жал е само формалност.Всушност сите тие оценувања ,следења,посети на часови си остана само на лист хартија…ни некој беше награден ,ни пак некој беше казнет за успешноста на реализирани часови,кои сме ги подготвувале со особена чест и задоволство .Овој систем ,по се изгледа ги цени само наставниците по облик ,а не оние кои сеуште живеат со мислата дека ќе се средат работите и ќе тргнат ,конечно на подобро.Но за жал тоа никако да се случи.А и како да се случи кога наставникот никако не смее да ги укори ,да напише негативна оцена на крајот на годината…ако не е така ,слободно нека ме демантира некој.Тоа веќе е минато и сите ученици знаат дека на крајот,учел-неучел,доаѓал-недоаѓал редовно на настава,бил главен фраер ,се тепал… сето тоа минува неказнето и заради оваа ситуација се изгуби авторитетот на нашаѕа благородна професија.И како да завршам со оптимизам,по природа сум голем оптимист ,и да заклучам дека сето тоа времето ќе го излечи .Оваа моја дискусија можат да ја разберат само оние кои свесно размислуваат вкчучувајќи ги сите влијанија врз младите генерации .

  7. GORDANA напиша:

    За мене, некогаш да се биде просветен работник и да се воспитува и образува деца беше божји дар, а тој дар го имаа само најхрабрите најодговорните, најкреативните, најамбициозните. Денеса професијата го изгуби своето значење. Бев горда зошто живеев во семејство каде и двајцата мои родители беа просветни работници и целиот свој живот го посветија образувајки и воспитувајки деца.Таа љубов ми ја вдахнаа и мене и ми ја пренесоа да го продолжам нивното дело. Работев со љубов и со цела сила, два пати бев прогласена за педагошки работник на годината, се докажував во својата работа, ги афирмирав насекаде моите ученици, но сега сум разочарана од кадарот партиски војници кои доаѓаат не спремни на часови и што е најтрагично како „клати врата земај плата“. Децата им се смејат на нивните основни грешки: пишуваат сопствени именки со мали букви и тн. Денес поголем дел од наставниците нерасположени со стресови доаѓаат на работа да не бидат казнети, деградирани и уценувани. Јас која 32 години работам во образованието, кое за мене значесе се, сега сакам спокојно и мирно да ми заврши работниот ден. За обраазованието можам да ви пишувам многу зошто учениците ги сакам како моето семејсатво и додека пишувам длабоко ме пече и солзи ми навираат зошто многу ретко ќе се сретне студент кој со љубов зборува за оваа професија, а тие се се поретки и немаат превилегии ни за вработување, знаејќи колку е осетлива оваа професија. Верувам дека ќе се смени на подобро и повторно ќе се врати сјајот на оваа професија.

  8. лидија напиша:

    За мене професијата наставник претставува свето нешто. Немав можност да им го пренесам моето знаење на моите деца. Не сакаа да тргнат по мојот пат и по многуте убедувања и дилеми гледајки ги сегашните партиски војници како преку ноќ се примаат на работа. Запловија по други води, по медицината и по правото, но ни овде немаат шанса зошто не се членови на ниту една партија. Беа прекрасни студенти со големи просеци, со магистратури и специјализации. Гледајки ме секојдневно како со љубов си ја работам својата работа, а за тоа не сум наградувана постојано ме убедуваа дека погрешно размислувам дека веке професијата наставник за која со љубов зборував не е истата. Прекумерна административна работа, прекувремено внесување на податоци, подготовки…. и слични работи. Наставникот го изгуби и почитувањето од страна на учениците како и се повеке се влошија мегучовечките односи меѓу наставниците. Сега станаа непријатели во нивните втори домови. До каде ли дојде оваа партизација која длабоко го забразди и образованието. Се повеке потиштени наставници, смуртени лица, кои преживуваат крај со крај и кои се на крајот на бездната наречена почит. Се прашувам до кога ќе трае ова, ќе се врати ли сјајот на најубавата професија. Ќе се врати ли гордоста на наставникот и неговото достоинство.
    Темата е прекрасна и предлагам да има една требина во секој град каде наставникот само оној кој со љубов зборува за својата професија ќе го отвори срцето без да биде казнуван и опоменуван. Ви благодарам за оваа тема и верувам дека ќе рзмислите за мојот предлог.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *