Неписменоста – сè уште проблем?!

Неписменоста кај луѓето ја евидентираме секојдневно и секаде, дури и на јавните места, се греши во пишувањето на голема буква, интерпукциски знаци, пишувањето и изговарањето на нелитературни зборови. Редовна констатација меѓу луѓето е дека неписменост постои, но никој не признава дека спаѓа во таа група.

Според податоците на Заводот за статистика од пописот во 2002 година во Република Македонија има 4% население без завршено основно образование и уште 14% со некомплетно основно образование. Но, ова не значи ништо, бидејќи ако се работи само за елементарна писменост, голем број од оние кои и не го довршиле основното образование може да знаат да се потпишат и да ги користат основните математички операции.

Од друга страна пак, сè помногубројни се случаите на ученици кои завршуваат и средно училиште, но сè уште не знаат ни правилно да се потпишат, ниту пак да сметаат. Оваа појава е она што е проблематично и што никаде не се регистрира бидејќи сите ученици денес треба да го завршат основното, па и средното образование кои се задолжителни. Никој не се осврнува на проблемот што сè поголем број луѓе остануваат елементарно неписмени и покрај завршено основно, па и средно образование.

Разговарав со неколку родители, наставници и педагози за овој проблем. За жал, за разлика од другите проблеми во образованието, за овој имаше најмалку интерес, ретко кој кажа нешто, а обично се воздржани.

Родителите, некој пристрасен и вели дека проблемот е само во училиштата, некои се разочарани од општествениот систем кој форсира неписмени кои потоа во животот подобро завршуваат од писмените.

Тони С., родител од Скопје се прашува колку се родителите самите виновни за неписменоста на своите деца: „Можеби сме некоја баксузна генерација која увидела дека образованието многу не ни помогнало во животот, па сега мислиме дека на нашите деца нема да им е потребно. Не сум сигурен дали не погрешивме, па ги оставивме нашите деца неписмени“ – вели овој родител.

Професорка по македонски јазик од едно прилепско средно училиште на почетокот од прва година на учениците им дала да ја напишат азбуката. Од 31 ученик во класот само 14 точно ја напишале. Ова, според неа покажува дека учениците доаѓаат во средно училиште, а сè уште не знаат добро да читаат и пишуваат.

Професорка во средно скопско училиште вели дека причините за оваа појава се во неказнувањето на ученикот, па така „ниедно дете не изгубило година заради неписменост, ниедно не останало незапишано во средно или на факултет, ниеден возрасен вработен (во кој било сектор, особено во медиуми и места каде задолжително треба да се користи литературниот говор и писмо), не бил казнет заради грешки кои потекнуваат од неписменоста“.

Професорката Марија од Велес, смета дека учениците денес не читаат книги, не купуваат книги, не разговараат за книги. Премногу се користат комјутерите и тестатурите. Има ученици кои буквата ј ја пишуваат без точка, буквите ќ и ѓ скоро и да не се користат. Имав тројца ученици кои пишуваа лј наместо љ“ – вели таа.

Останатите наставници по македонски јазик со кои разговарав често се жалат на несоодветната програма, па некои од нив бараат посветување поголемо внимание на граматиката отколку на медиумската култура; други велат дека е потребно обрнување поголемо внимание на правописот, но сите се сложуваат дека учениците сè помалку читаат, послабо усно и писмено се изразуваат, прават сè поголеми јазични грешки.

Со наставничките по македонски јазик од моето училиште се обидовме да ја провериме оваа појава. Спроведовме краток диктат. Од 36 ученици во осмо одделение, ниту еден ученик не го напиша без ниедна грешка, а најголемиот број од учениците во само десет реченици направија повеќе од десет грешки. Ретко кој знае каде се пишуваат наводници, големите букви се на погрешни места, па дури и почетната буква на реченицата знаат да ја напишат со мала буква; Охридско Езеро најчесто се пишува Охрицко езеро итн. Во прилог се и неколку слики од диктатите кои беа едни од најлошите. Обидете се да ги прочитате.

 

Зошто никој не го истражува овој проблем и која методологија треба да се примени за да се истражи?

Зошто воопшто се појавува ваков проблем и одреден број деца остануваат неописменети. Дали се во прашање преобемните наставни планови и програми, неможноста за повторување на учениците во првите 6 одделенија, недоволното или несоодветно поучување, несоодветноста на програмите за овие деца, несоодветно учење на мајчиниот јазик, несоодветна програма за почетно читање и пишување, несоодветниот третман на учениците со потешкотии во учењето од страна на институциите?

Кои мерки да се преземат за да се намали неписменоста?

 

Продолжува…

6 Responses to Неписменоста – сè уште проблем?!

  1. Весна напиша:

    Сите заедно жестоко, секојдневно, насекаде треба да реагираме онолку колку можеме. Да настојуваме, да бидеме упорни, да повторуваат ученици на почетокот на образовноит процес, за да не се доведуваме во ситуација неписмени да продолжат во повисоките класови и не дај Боже на факултет. Да се вработат (задолжително) лектори во сите медиуми, водители да посетуваат курсеви за правилно читање, дикција, пишаниот текст да не се емитува доколку не го прегледа лектор. Во образовниот процес, СИТЕ наставници ЗАДОЛЖИТЕЛНО да го користат и да настојуваат од учениците да го зборуваат и пишуваат литературниот јазик и писмо, да не се толерираат грешки, кои би имале сериозни последици.
    Јас сум голем поддржувач и сериозно се залагам за зачувување на јазикот, писменоста, постојано реагирам, дури и на сите објави на некои страни на фб.
    Само заедно и со јасна цел, можеме да успееме.
    Пс. не знам дали е случајно, но и на почетокот на текстов, забележав грешка, според моите познавања треба да стои интерпуНкциски знаци (со најдобра намера).
    Поззз. секое добро

  2. Lidija Pesevska напиша:

    Не знам дали ќе ми верувате дека пет години – ајде не пет – после описменување – од II – III одделение, секојдневно една ученичка ја опоменувам, поправам, укажувам, воочувам, наставен лист, диктат, разговор и што ли уште не… И секоја година, еве заврши петто оддление пак исто па исто…(децка соба)…(Охрицко езеро)…прецетадел…и тоа само во писмено изразувањее – усно не!… Има некои необјасниви појави…

  3. Nade напиша:

    Проблемот го истражувавме и во нашето училиште.Го спроведовме истиот краток диктат од кој ги објавувате податоците. Нема да ги цитирам, но сакам да ја изразам не само мојата загриженост но и од наставничката која предаваше македонски јазик во осмо одделение во второ полугодие. Овој проблем треба да се истражува не парцијално но глобално.

    • Убавка напиша:

      Диктатот беше идеја на Наде. Искрено, прво не сакав да го спроведам мислејќи дека е премногу лесен за осмоодделенци. Но нејзиното искуство повторно беше пред претпоставките. Резултатите од диктатот беа поразителни за мене, а верувам и за сите. Се сложувам, треба да се делува глобално, нашата парцијалност нека биде само поттик за системски промени.

  4. Весна напиша:

    Најпрво сигурно дека за неписменоста на нашите деца во голема мерка придонесоа компјутерите и интернетот, посебно фејсбук кој говорниот јазик го стави во пишана форма. Децата комуницираат на Фејсбук исто како што би разговарале кога ќе се сретнат на улица.
    Изместувањето на главните животни вредности ја обезвредни книгата и образованоста (мислам на реална образованост и интелектуалност, а не на “хартиеното” образование кое си го обезбедуваат малку подобро “стоечките” дури и до титула нагистер) и ги спушти на најниско ниво целите кон кои треба да се стреми секој родител и секој просветен работник: од малиот човек да направи личност.
    Погледнете во дневниците кај работата на час на своите колеги ! На колку места ќе видите “Пофторување”???!!!
    Да побараме вина и кај нас самите. …

    • Весна напиша:

      А против сево ова може да се бориме само со тврдоглава борба без разлика на тоа што ќе не нарекуваат “досадни”, “строги” или “горделливи” и да се обидеме, колку што можеме, кај децата да всадиме љубов кон книгата, театарот….

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *